Геометријата, боите и естетиката на народниот македонски вез ги маѓепсале сите странски сликари кои ја посетиле Македонија или пак се бореле во своите армии на македонскиот фронт за време на Големата војна 1914-1918. Македонските селани облечени во народни носии е честа тема во нивните слики. Но во еден случај, ваквата испирација отишла во сценарио кое се сретнува во шпионските филмови на агентот Џемс Бонд 007.
Макс Ромер (1878-1960) е германски сликар од Хамбург, кој се образувал на ликовните академии во Хамбург, Берлин и Париз. Но Големата Војна го трансформира од сликар во војник во германските пешадиски сили и го носи на фронтовите во Шампањ, Франција (1915) , Сон , Франција (1916) , Романија (1917) и Македонија ( 1918).
И покрај тоа што неколку негови цртежи се во мојата приватна колекција, еден цртеж кој го немам, а неодамна е објавен во книгата на господин Едвард Касаб „Макс Ромер, цртежи од Големата Војна“(https://oneline.pt/pt/portfolio/max-romer-3/) ме импрессионира:
Ромер почнал да кодира во Мозеова азбука букви и пораки скриени во цртежи од македонскиот народен вез и османлиската калиграфија. На овој начин, праќал пораки за позициите на германските трупи, или можеби праќал искрени писма дома на фамилијата без да бидат редактирани од воената цензура.
Ова октритие ми отвори нова перспектива.Отсега кога ќе видам македонска народна носија, на пример оваа од Егејска Македонија, ќе ја гледам не како облека, туку како 100 годишна мобилна технологија со приказни запишани на неа.:-)