Империјалниот воен mузеј, Лондон, 2018 година. Се спрема големата изложба со наслов „Да не заборавиме“ (Lest we forget) по повод 100 години од крајот на Големата војна. Екипата на кураторот на изложбата Лора Кјутинг ги избира најважните слики од Првата светска војна од подрумското депо на музејот и ги поставува на видно место во музејската галеријата на четвртиот кат. Една слика се истакнува со својата убавина и симболика. Авторот е Сер Стенли Спенсер (1891-1959) а насловот е прилично долг и чуден: „Влечите (“Travoys” – мазги со носилки) со ранетите пристигнуваат во станицата за преврски во Смол, Македонија, септември 1916 година“.
Стенли Спенсер служел како медицински персонал во 68-та теренска амбуланта во Македонија за време на војната. Станицата за преврски била привремена теренска амбуланта, сместена во полуразурната стара црква во селото Смол на 13 километри јужно од Гевгелија. Спенсер бил длабоко религиозен. „Ранетите минуваа низ станицата во бескраен поток, но тоа го мислев не како сцена на хорор, туку сцена на искупување“. – напишал подоцна. „Чувствував дека има духовна воздишка над сè“.
Центарот на сликата е масата за операции каде лекарот се обидува да го спаси животот на војникот. Ранетите доаѓаат од секаде, влечени од маски од бојното поле во близина. Операциската сала е осветлена како симбол на портите кон рајот. Докторот како да е Свети Петар, чувар на небесните порти. Некои војнички души ќе одат на небото, некои ќе останат на Земјата.
Оваа религиозна симболика ќе го одбоележува сликарскиот стил на Стенли Спенсер до крајот на неговата кариера. Религиозниот симболизам во неговото сликарство е плод на една негова семејната трагедија и болка која ќе го прогонува во голем дел од неговиот живот.
Кукхам (Cookham), Беркшир, 1912 година. Наречено „Рајско село“, живописното викторијанско село Кукхам било омилено место за британските аристократи и уметници на крајот на 19 век. Важни и познати благородници живееле во околината, како што се лордот Бостон во Хедзор Лоџ, војводата од Вестминстер и подоцна Валдорф Астор во Кливден. Кон крајот на векот, крај реката Темза која течела крај селото често се собирале друштва на богаташи кои уживале во прошетки со бротчиња или трки со чамци. Семејството Спенсер било добро познато во селото. Таткото Вилијам (1845-1928) кои бил селски свештеник и учител по музика и мајката Ана Керолин Слак (1854-1922) позната како пејачка со прекар „Пиле“ („Birdie“) имале 9 деца. Имале прилично ексцентрични погледи кон општеството и решиле самите да ги образуваат своите деца дома. Принципите на нивното образование биле: 1) Силна страст кон уметноста, 2) духовност и 3) стремеж кон совршенство. Како резултат на вакво образование, сите деца станале интелектуалци со високи уметнички способности. Сите биле врвни музичари, сликари или писатели, но стремежот за совршенство имал последици на децата – најстариот син Вил, истакнат пијанист и подоцна професор по музика во Германија, имал нервен слом, а најстарата ќерка Ени која свирела виола, завршила во ментална институција.
Трите најмлади братчиња биле неразделни и се нарекувале меѓусебно „Трите мускетари“.
Најстариот „мускетар“ е Сидни Спенсер, роден во 1888 година, кој дипломирал на универзитетот Оксфорд, со цел да стане свештеник а исто бил добар свирач на оргула. Средниот „мускетар“ е Стенли Спенсер, роден во 1891 година, а дипломирал на познатата Школа за уметност Слејд во 1912 година. Стенли веднаш станува познат современ сликар и по дипломирањето ги освојува првите награди и ги има своите први самостални изложби.. Најмладиот „мускетар“ е Гилберт Спенсер, роден во 1892 година, кој исто така студирал уметност на школата за уметност и занаетчиство во Камбервел и Кралскиот колеџ за уметност и ги следел стапките на неговиот брат Стенли во Слејд школа за уметност, започнувајќи ги студиите таму во 1913 година.
Иднината изгледала светла за амбициозните браќа. Но тогаш започнала Првата светска војна.
Лондон, 1914 година. Британското кралство ги повикало своите синови на должност во Големата војна. Дошол моментот да се покаже патриотизам и храброст.
Таткото Вилијам и мајката Ана биле жестоко против воената служба, но децата верувале дека е должност да се служи.
Најстариот „мускетар“ Сидни се придружил на корпусот за обука на офицери додека тој сè уште бил во Оксфорд. Станал потполковник во полкот на Норфолк и бил назначен за „офицер за бомбардирање и гас“. Негова задача била да ги опреми и обучи 1500 војници со гас маски. Но Сидни сакал да се докаже на бојното поле, и успеал да ја убеди Воената команда да го префрли на фронтот во Франција Кога одел кон францускиот фронт, напишал писмо до дома;„Јас сум конечно среќен, повеќе не глумам војник, чувствувам дека сум вистински војник“.
За да најде компромис со своите родители, најмладиот „мускетар“ Гилберт се запишал за невооружена воена служба во Медицинскиот корпус на кралската армија во болницата во Бристол. Средниот „мускетар“ Стенли бил заштитник на својот помлад брат и тој се запишал во медицинскиот корпус во Бристол да не го остави сам. Гилберт не сакал да биде гледан како бебе, па се обидел да се оддалечи од Стенли волонтирајќи во активна воена служба и бил префрлен на македонскиот фронт во Дојран. Стeнли ја мразел војната, бил самиот физички низок и слаб и со нежно здравје. Но, тој не можел да го остави својот помлад брат сам. Затоа Стенли и самиот побарал да биде префрлен и на македонскиот фронт. Во 1916 година бил префрлен во македонскиот фронт како медицински асистент во теренската амбуланта во кампот во село Чаушица („Корзика“ како што ја викале британските војници) во долината на Вардар, 15 километри спроти бугарските сили.
Смол, Македонија септември 1916 година. Македонскиот фронт одприлика се протегал по должината на северната граница на Грција.
Бил набрзина организиран во 1915 година со цел да се одвратат непријателските централни сили – Германија, Австрија-Унгарија, Бугарија, Турција – од нарушување на неутралноста на Грција. Ад-хок одбрамбените сили од неколку сојузнички армии пристигнале во солунското пристаништето со цел да создадат одбрамбен ѕид по должината на границата – Британците на исток околу Солун, Французите во центарот, потоа Србите, па Русите, па и Италијанците кон западниот сосед Албанија која исто била неутрална во војната. Французите ја имале главната команда. Улогата на „Армијата на Ориентот“, како што францускиот командант грандиозно ја нарекол, била во суштина одбранбена. Никој во француската или британсканската влада, не очекувал дека ќе се преземе голема офанзива, особено по катастрофата на Галиполе. Но, од време на време командантите нарачувале локални напади, делумно да продолжат со таканаречениот „офанзивен“ дух, но и да ги подобрат одбранбените позиции. Еден од овие напади го пречекал Стенли неколку дена по неговото пристигнување.
Британската зона покривала територија околу триесет километри северно од пристаништето Солун до источно од реката Вардар. Територијата била поделена на помирна источна зона долж реката Струма, и поактивна западна зона во непосредна близина на Вардар, чија долина била како граница меѓу британската и француската армија, и која била и сеуште е главниот пат за влез во Грција. Британската линија за одбрана на овој пат се протегала под прав агол петнаесетина километри по должината на северните падини на гребенот на високиот терен што се протега источно меѓу градовите Карасули (на македонски: Ругуновец (Кара Суле) на грчки: Поликастро) во близина на Вардар и Калинова (на македонски: Калиново, на грчки: Солтогианиаика) кај езерото Дојран.
Падините на сртот Карасули-Калиновo биле последниот бастион пред Солун. Овој срт најдобро се контролирал од еден висок рид крај селото Мачуково (грчко име: Евзони – денешен граничен премин со Грција). Кој го контролирал сртот кај селото Мачуково, го контролирал пристапот кон Солун. Во септември 1916 година, сртот бил под контрола на германската војска. Постоела опасност германско-бугарската армија да тргне кон Солун. Затоа британската армија добила наредба да го превземе врвот на сртот, познат на француски јазик како „Piton des Mitrailleuses“ , на англиски јазик ‘Machine Gun Hill’ или Митролески рид.
Во меѓувреме, најмладиот брат Гилберт Спенсер пристигнал во Македонија и бил назначен како медицински помошник во 28-мата теренска болница во Додулари ( на грчки јазик: Диавата) во близина на Солун. Еден негов цртеж го прикажива пристигниувњето на медицинските сестри во болницата.
Стенли Спенсер пристигнал во Македонија во септември 2016 година и е сместен во британскиот камп во Карасули (Ругуновец). Ноќта со полна месечина помеѓу 13 и 14 септември била избрана за напад на германскиот Мотролески врв во Мачуково (Евзони) Станицата за брза помош (Британците ја нарекуваат “Dressing Station” или станица за преврска) била претходно поставена во старата црква во напуштеното село Смол (на грчки јазик: Микро Дасос) кое било сместено зад борбената линија во Мачуково. Самата црква била разрушена за времето на Балканските војни во 1912 година, но олтарот нудел добар простор и заштита од заталкани куршуми.
Таканаречената “Станица за преврски“ била попатна точка помеѓи борбите на фронтот и теренската болница во заднината. Главната цел на станицата за преврски била да се стабилизира состојбата на ранетите војници и да се изврши селекција кој ранет може да се спаси а кој не. Оние ранети со подобри шанси за преживување, биле први пренесувани кон теренската болница.
Македонскиот терен имал многу малку патишта, а и тие патишта што постоеле биле раскопани и каменести. Вообичаено било ранетите да се пренесуваат кон станицата за преврски со коњска или моторна кола. Но во Македонија единствен можен начин за транспорт биле таканаречени „влечи“ ( на англиски јазик Travoys). „Влеча“ е всушност маска или магаре на која е врзана носилка со едниот крај, а другиот крај на носилката се влечел по земја. Чкрипењето од влечењето на металната носилката по камењата бил гласен и неподнослив. Стенли Спенсер таа ноќ развил фобија од звук на метално гребење до крајот на животот.
Битката за Митролескиот Врв кај Евзони / Мачуково започнала со артилериско бомбардирање утрото на 13 септември 1916 година. Бомбардирањето траело цел ден. Во 19:30 часот, британскиот офанзивен баталјон излегол од рововите и тргнал во директен напад. Британците напаѓале централно , но и од лево и десно крило со неколку полкови од Ланкашир и Велс. Наспроти нив, биле германскиот 59-та пешадиски полк, добро вкопан, со 146-та пешадиски полк на левата страна и бугарските пешадиски баталјони во резерва.
Британците започнале да окупираат делови од сртот, и полека се искачувале нагоре. Околу 2 часот наутро на 14 саптември , Митролескиот Врв бил освоен.
Првите „влечи“ почнале да пристигаат во Смол околу 9 часот навечер и продолжиле во текот на ноќта под месечината. Ова бил периодот кој е доловен во сликата на Стенли.
Во утрото на 14 септември, Германците фуриозно реагирале со гранатирање и контра напад. Претпладнето на 14 септември, Британците цврст се држеле до своите освоени позиции. Но напладне, Германците ја смениле тактиката. Го донесле бугарскиот баталјон како засилување од десната страна. Британскиоте позиции почнале да паѓаат една по една. До средината на попладневните часови позицијата на Британците била неодржлива, и во 16:30 часот била дадена команда за повлекување. Британските баталјони се вратиле во нивните првични ровови. Загубите на британците биле големи; 586 – убиени, ранети или заробени.
После овој неуспешен напад, ситуацијата помеѓу воените сили во регионот останала непроменета. Сепак, напорите на сојузничките сили не биле залудни. Грција сепак останала ненападната и нејзината влада под Венизелос (иако кралот на Грција бил про-германски ориентиран) биле благодарни за сојузничката интервенција.
Денес, на највисоката точка на сртот Карасули-Калинова, каде што има поглед кон долината на Вардар, е изграден национален споменик за сите паднати британски војници од оваа битка.
Солун, септември 1918 година. Се ближи крајот на Големата војна. Воспитани да се стремат кон совршенство, браќата Спенсер се обидуваат да бидат и совршени војници. На францускиот фронт, најстариот „мускетар“ Сидни е ранет во август 1918 година за време на битката за Амиен, и е награден со Воен Крст за неговата храброст. Најмладиот „мускетар“ Гилберт го напуштил македонскиот фронт и се преселил во болнички бродови во Медитеранот, а потоа и во Северна Африка до крајот на војната. Средниот „мускетар“ Сидни сакал да биде и самиот војник а не само болничар. Се обидел да се префрли во пешадија неколку пати, но се разболел од маларија и бронхитис и лежел во болница то текот на 1916 и половината на 1917 година. Се префрлил во 143-та теренска болница во Тодорово кај Дојранскиот фронт, каде што цртал скици од секојдневниот живот на британските војници. За време на еден напад од бугарската војска во април 1917 година, Стенли ја загубува ташната за цртање со сите свои цртежи и слики.
Најпосле му успева да се префрли во пешадија во 7-от Кралски Беркширски полк, но не бил вклучен во битки. Наместо тоа, како анти-алкохоличар, бил поставен да разнесува дневни порции пиво на војниците.
Конечно, неговиот момент да остави личен белег на Големата војна се случил во мај 1918 година, кога британскиот комитет за воени меморијали го ангажира да направи слика од воените дејства на фронтот. Стенли започнал да ја скицира ноќта во станицата за преврски во Смол од сеќавањето.
И тогаш дошла лошата вест.
На 24 септември 1918 година, во воена акција загинува најстариот „мускетар“ Сидни Спенсер, додека неговиот полк се обидувал да го освои малото француско село Ефехи (Epehy), близу белгиската граница. Сидни бил една од 998-те британски жртви во битката кај Ефехи и бил погребан во близината на локалните гробишта
Кукхам (Cookham) , Беркшир, јануари 1919 година. Големата војна завршува на 11 ноември 1918 година, малку повеќе од месец дена од погибието на саканиот брат Сидни. Стенли Спенсер е дома во Кукхам и започнува да работи на нарачаната слика за Смол Македонија. Стенли е отепан од болка од загубата на својот брат. Бидејќи е длабоко духовен, се обидува да најде помирување и да ја прифати Божјата волја. Сцената од сликата во Станицата за преврски во Смол, започнува да се оддалечува од реалноста. Сѐ повеќе и повеќе симболи и религиозни пораки се вткајуваат во сликата. Светлината на олтарот на црквата е живот, темнината на македонските ридови во аголот на сликата е смрт. Маските со „влечи“ ги носат војничките души кон центарот на сликата, како центарот да се портите на рајот. И покрај крвавата битка во близина, на лицата од војниците има спокој и мир. Тие се помирени со својата судбина.
Сликата била различна од било која друга британска воена слика од тоа време. Композицијата е интимна и длабока, со многу слоеви на симболика. Но публиката во 1918 година барала слики со хероизми и директна порака. Во декември 1919 година, сликата била дел од големата „Изложба на воените слики на нацијата“ во Куќата на Бурлингтон (Кралската академија). Критичарите биле љубезни но не и импресионирани. Ќе помине деценија додека ликовните критичари разберат дека сликата „Смол, Македонија 1916“ е едно од најзначајните уметнички дела на британското воено сликарство.
Стенли Спенсер бил разочаран од приемот. Тој копнеел љубителите на уметноста да ја препознаат и да ја споделат неговата болка од загубата на неговиот брат. Го започнува својот следен проект, многу пограндиозен од „Смол, Македонија“: – масивно платно со димензија 3 на 5 метри со наслов: „Воскресение, Кукхам“
За Стенли Спенсер, кој бил голем христијанин, Кукхам било место полно со мистично значење. Христијанскиот нов завет опишува како, на крајот на светот, секој што некогаш постоел ќе биде вратен во живот. Спенсер го прави својот локален селски црковен двор како поставка за ова воскресение на мртвите. Ги прикажува библиски фигури заедно со луѓето што ги познавал, вклучувајќи ја неговата сопруга и голиот автопортрет во центарот на сликата. Ридовите во задниот дел од сликата се македонските ридови на Калиново. Стенли Спенсер копнее да го види својот брат повторно, назад од мртвите од Големата војна. „Ми даде чувство дека воскресението е мирен настан,а копнеам за мир и среќа – тоа беше главната идеја на оваа слика“. – Стенли Спенсер ќе рече за време на едно од неговите интервјуа.
Лондонските уметнички критичари ја пречекале сликата со еуфорија. Сликата била огромен успех. Стенли Спенсер бил прогласен за еден од најважните британски модерни сликари. Критичарите исто така се навраќаат на сликата „Смол, Македонија 1916“ и почнуваат да ја разбираат и вреднуваат симболиката во тоа дело.
Но болката на изгубениот брат е сè уште силна. Помирувањето не е целосно.
Стенли Спенсер сè уште бара внатрешен мир. Го започнува својот следен проект, дури и повеќе колосален од претходниот: „Воскресение на војниците“, кој бил работен од 1927 до 1932 година и е декорација на капелата во Сандам која го зафаќа просторот од шест метри на пет метри над олтарот.
Официјално, олтарот на капелата е посветен на неговиот пријател – паднатиот војник поручник Хари Сандам, кој починал во битката кај Солун. Но, Спенсер им дава почит на сите паднати војници, но најголемата почит ја дава на неговиот брат.
Траорниот сив и кафеав македонски борбен пејзаж зазема поголемиот дел од фреската. Во подножјето на сликата војниците излегуваат од земја и ги носат белите крстови кои се морничави симболи на масакрот од Првата светска војна. Природно водена од триаголната композиција на сликата, окото на набљудувачот на оваа слика патува нагоре и ги забележува како војниците излегуваат од своите гробови и радосно се поздравуваат меѓусебно, одат нагоре накај коњите и му ги даваат своите бели крстови на Исус во бела облека кој е поставен на врвот од тријаголникот горе централно во сликата. Успехот на оваа слика е во нејзината монументална перспектива: ја поводува свеста на гледачот и кога ќе застанете пред неа, изгледа како да овие луѓе навистина повторно се креваат.
На спротивните ѕидови од двете страни Спенсер ја слика Македонија – го слика воениот камп во Карасули и секојдневните сцени од од животот на војниците.
Олтарот бил завршен во 1932 година и веднаш бил прогласен од британските уметнички критичари како „Систинска капела на Велика Британија“.
Олтарот е крешендо на Стенли, последна збогум кон братот Сидни и последниот чин на помирување со болката. Историчарот на уметноста, Ендру Греам-Диксон го изјавил следното за ова дело: „Ова не е толку воен memoријал туку разубавување на на војната преку уметноста. Воскресението на војниците, покажувајќи толпа тела што се притискаат од нивните гробови, е Спенсеровиот начинот на одкопување на гробиштата на северна Франција, барем во неговата фантазија, и повторно враќање во живот на младите тела на мртва генерација”. Во уметноста, Спенсер покажал дека сè е можно, времето може да се оддолжи и реалноста да се избрише. На сликата, Спенсер би можел да живее во имагинарниот совршен свет за кој толку долго копнеел.
Овие три дела се сметаат за најдобрата уметност што Стенли Спенсер ја создал во својата богата кариера.
Настаните потоа
Како резултат на повоените настани, турското население кое со векови живеело во Грција било вратено назад во Турција преку размена со Грците што се бунтувале против Турците во Мала Азија. Грчки семејства бегалци од уништената Смирна (Измир) се населуваат во селото Смол во 1923 година. Имињата оттогаш се променети. Солун сега е Тесалоники, реката Вардар сега е Аксиос, Карасули е сега Поликастро, Чидемли (македонски: Хидемли) сега е Метаморфозис, Мачуково е Евзони, а Смол е дел од Микро Дасос („Мала шума“) , но локалното население сеуште го користи старото име име (Смол или Смоли).
Во 1925 година Стенли Спенсер се оженил со Хилда Карлин, која претходно била девојка на неговиот помал брат Гилберт. Имале две деца и хармоничен брак. Но во 1932 година ја запознава Патриша Прис (Patricia Preece), амбициозен уметник која живеела во селото со нејзината блиска пријателка, поталентирана и поуспешна сликарка Дороти Хепворт (Dorothy Hepworth). Стенли, кој бил воспитан да бара перфекција, мислел дека Патриша била по перфектна жена од Хилда. Патриција била како некакво егзотично суштество кое потполно го маѓепсало Стенли Спенсер. Ја носел во големата стоковна куќа во Мајденхед и ѝ купувал накит и крзна. Патриција станува модел за неколку негови слики и на крајот неговата врска со неа довел до негов развод од Хилда.
Во 1937 година – Стенли Спенсер се развел од сопругата Хилда Карлин и само четири дена подоцна се оженил со Патриша Прис. Бракот беше тотален неуспех, затоа што Патриша и нејзината пријателка Дороти имале лезбејска врска. По свадбата со Стенли, Патриша и Дороти заедно самите си заминале на меден месец во Сент Ајвс. Патриша Прис била жена со „скапо одржување“ и Стенли ги плаќал нејзините големи трошоци сè до денот кога починал. Покрај „скапото одржување“ на Патриша, доаѓале и сметките за одржување на неговата фамилија со Хилда. Згора на тоа, Стели бил слаб со менаџирањето на своите финансии. Затоа Спенсер сликал колку што може повеќе за да заработи пари, а неговиот агент Дадли Тоут го убеди да слика „сѐ што може да се продаде“.
Стенли Спенсер починал во 1959 година и за време на неговиот живот бил награден со орден на британската империја, прогласен за витез и избран во Кралската академија. Хилда останала љубовта на неговиот живот и продолжил да ѝ пишува писма дури и по нејзината смрт. Стенли бил многу дружељубив лик со многу пријатели и приврзаници кои го нарекувале ексцентрик,а Патриша дури и го нарекувала „луд“. И покрај овој екцентризан, Британската историја на уметност ги смета Стенли Спенсер за еден од еден од најголемите британски уметници.
На 19 ноември 2018 година, аукциската куќа Christie’s во Лондон продала слика на Стенли Спенсер за еден милион и 700 илјади британски фунти. Вредноста и побарувачката на сликите на Стенли Спенсер продолжуваат да растат.
Извори на информации и фотографии:
- Фотографии од Стели и браќата 1914: https://www.npg.org.uk
- Imperial War Museum, Dressing StationЧ https://www.iwm.org.uk
- Информации за Сидни Спенсер (1888-1918): http://www.rbwm.gov.uk
- Империјалниот Воен Музеј во Лондоин, Галеријата https://artsandculture.google.com
- Галерија Стенли Спенсер: https://stanleyspencer.org.uk/about
- Изложбата „Да не се заборави“ (Lest we forget): https://www.iwm.org.uk/history
- Фамилијата на Стенли Spencer Family and Cookham: http://www.gilbertspencer.org/
- Спенсер во Македонија: http://www.stanleyspencer.co.uk
- Македонски Фронт: http://www.levantineheritage.com
- Македонски топографски имиња во Грција: https://makedonija.name/history
- Воскресение Кукхам: https://www.tate.org.uk/art
- Воскресение: https://artuk.org/discover
- Воскресение: https://m.theartstory.org/artist