Камили во Скопје

          14 мај 2019 година. Се разбудив со нова порака од мојот Интернет пребарувач кој трага по „македонска“ уметност. Унгарската аукциска куќа BÁV Zrt од Будимпешта на нивната аукција на 15-ти мај нуди поголем пастелен цртеж насловен „Скопие, Вардар со замок 916 II / 6“ од унгарскиот сликар Јанош Вазари (Капошвар, 1867 – Будимпешта, 1939).

János Vaszary (Kaposvár, 1867 – Budapest, 1939), „Скопје, Вардар со замок 916 II / 6“, пастел
János Vaszary (Kaposvár, 1867 – Budapest, 1939), „Скопје, Вардар со замок 916 II / 6“, пастел

          „Унгарeц? Не се појавуваат Унгарци така често “- си помислив. Лексиконот има само неколку записи на унгарски уметници што ја посетиле Македонија со многу оскудни детали: Бела Крон (само информација дека бил во армија во Првата светска војна во Македонија), Густав Миклош (1888-1967) (бил со француската војска во Солун и студирал византиска уметност таму) и Јозеф Шекељ (1838-1901) (фотографот што ја направил првата фотографија од Охрид во 1863 година). Одлучив  прво да наддавам и победам, а потоа да истражувам кој е сликарот.

          Аукцијата започна. Цртежот „Скопје“ беше ставен при крајот на каталогот. По неколку часа чекање, конечно, цртежот беше понуден на продажба. Започнав со ниска почетна понуда. И тогаш се случи шок. Лавина на наддавања од целиот свет се влеа кон овој цртеж. Цената отиде 5 пати над нејзината почетна вредност во рок од 1 минута. „Што се случува овде?“, си помислив. Ме обзеде еуфоријата, ги отпуштив сите кочници и тргнав фронтално во наддавањето на сѐ или ништо. На крајот победив, но морав да наметнам сериозно штедење во наредните месеци за да сѝ го исплатам ова задоволство. Сликата пристигна од Будимпешта; беше поубаво отколку на фотографиите. Почнав да истражувам за Јанош Вазари.

        Јанош Миклош Вазари (30 ноември 1867 – 19 април 1939) потекнува од влијателно унгарско семејство. Негов чичко бил Колос Ференц Вазари, Архиепископот од Естертерм (Esztergom). Студирал уметност на престижните академии за ликовни уметности во Будимпешта, Минхен и на академијата Жулиан (Julian) во Париз. Од Париз го  донел француски импресионистички стил во Унгарија што го направил многу успешен во неговото време. За време на Првата светска војна, служел како дописник на српскиот фронт и неговот ликовен стил станува по драматичен. Очигледно бил стациониран во Скопје, а мојата потрага по неговиот „Скопски“ период ме одведе во колекцијата на Националната галерија на Унгарија, во која има едно негово мошне необично дело: „Караван со камили во Скопје 1916 година“ масло на платно.

János Vaszary (Kaposvár, 1867 – Budapest, 1939), Караван со камили Скопје 1916, масло на платно во колекцијата на Националната галерија на Унгарија
János Vaszary (Kaposvár, 1867 – Budapest, 1939), Караван со камили Скопје 1916, масло на платно во колекцијата на Националната галерија на Унгарија

          „Камили во Скопје во 1916 година? Лудо, но …. како да го имам видено ова некаде порано“, си помислив. Сцената со камили ми ги врати спомените во 2012 година кога ја видов литографија на германскиот сликар Франц Хекендорф (1888-1962) со наслов „Караван со камили 1918“ (Kamelkarawane).

Franz Heckendorf (1888-1962) Караван со камили 1918 литографија
Franz Heckendorf (1888-1962) Караван со камили 1918 литографија

          Франц Хекендорф (1888-1962) бил германски сликар и еден од основачите на важната модернистичка уметничка група „Берлин сецесија“. За време на Првата светска војна служел во германската војска во Македонија помеѓу 1916 и 1917 година, а во 1918 година патува со германската армија во Месопотамија. Помеѓу 1943-45 година бил уапсен и осуден за помагање на своите еврејски пријатели да избегаат и бил испратен во концентрационите логори Валдшут и Маутхаузен. Успеал да преживее и станал после војната професор на ликовните академиите во Виена, Салцбург и Минхен.

          Тогаш кога ја открив оваа литографија, си помислив дека ова е сцена од Месопотамија заради композицијата со камили  што не можев да го поврзам со Македонија, и затоа што во отисокот на литографијата беше и годината на создавање-1918 година. Но унгарското откритието ме натера да ја преиспитам и да погледнам повнимателно оваа литографија.

          И навистина. Сум занемарил еден важен детал. Литографијата е направена и објавена во 1918 година кога завршила војната, но таа е направена според еден негов мал цртеж од 1917 година, направено во Македонија:

Franz Heckendorf (1888-1962) Караван со камили 1917, цртеж
Franz Heckendorf (1888-1962) Караван со камили 1917, цртеж

Значи, во Големата војна имало камили во Македонија, но зошто и каде?“. Продолжив да истражувам. Истражувањето ме одведе во британскиот Империјален воен музеј во Лондон.

Турска транспортна колона со камили во мирување пред владиното складиште за тутун во Ускуб (Скопје), 1917 година. Фотографија е направена од германски фотограф, во колекцијата на Империјалниот воен музеј во Лондон.
Турска транспортна колона со камили во мирување пред владиното складиште за тутун во Ускуб (Скопје), 1917 година. Фотографија е направена од германски фотограф, во колекцијата на Империјалниот воен музеј во Лондон.
Турска колона за транспорт со камили во близина на Ускуб (Скопје), 1917 година. Фотографија енаправена од германски фотограф и е во збирката на Империјалнион воен музеј, Лондон.
Турска колона за транспорт со камили во близина на Ускуб (Скопје), 1917 година. Фотографија енаправена од германски фотограф и е во збирката на Империјалнион воен музеј, Лондон.

          Империјaлнион воен музеј (The Imperial War Museum ) во Лондон поседува две германски фотографии од 1917 година кадешто се гледа дека турската армија ги користела овие животни за транспорт во Големата војна. Животните не биле донесени во Македонија за да ги забавуваат македонските овчари и селани. Вистинската причина за нивното присуство може да се најде во едно сведоштво на еден  британски војник од 1916 година запишано во Музејот на британската национална армија:

          ‘Марширањето е многу жешко и заморно и добиваме жед што не може за згасне со какво и да било пиење; нашите шишиња со вода се многу скапоцена работа. Шишињата се полнат пред да тргнеме и никој не смее да пие додека не се даде наредбата, иако ние копнееме да го испразниме шишето полно со тој сладок пијалок. Луѓето имаат потешкотии да го одржат снабдувањето со вода, која треба да се носи во кожни мевови на маските.

          Одиме по долгиот пат кон Серес, еден од ретките пристојни патишта во земјата, потоа се дели… Почнувам да губам интерес за животот и кога повторно ќе легнам би сакал да останам таму и да умрам, но има некоја чудни сила која вели „издржи“ сè додека не се струполиш од чиста исцрпеност… Низ бескрајната ноќ, ја ставаме едната нога пред другата, со болки во секој зглоб“.

Дневник на војникот Џорџ Вези (George Veasey), 8-от баталјон Оксфордшири Бакингемшир лесна пешадија (The Oxfordshire
and Buckinghamshire Light Infantry) , јули 1916 година

          Војниците на македонскиот фронт се соочиле со врело лето и многумина подлегнале на топлотен удар. Британските трупи користеле маски и велосипеди и патувале обично ноќе.  А тука била и епидемијата од маларија која убила за време на кампањата во Македонија 160 000 британски војници. Патиштата во Македонија биле оскудни, воените конвои се движеле по карпести стази.  Овие пустински услови ја направиле употребата на камили поповолна од коњите и маските. Камилата може да помине до 26 часа без вода и може да носи и 2,5 пати поголем товар од маска. Камилите од бактринска сорта со две грпки се значително поотпорни на вируси и бактерии отколку коњите и маските.

          Турската војска ја следела традицијата на раните исламски освојувања, кога Арапите успеале да се спротивстават на византиските и персиските империи истовремено, и да ги поразат и двете, што довело до драстично намалување на територијата на византинското царство и целосно уништување на персиското царство.

          Камилите одиграле голема улога, со тоа што им дозволувале на Арапите брзо да се мобилизираат и да префрлат засилувања и материјали од едното бојно поле на другото, низ тешкиот пустински терен од кој нивните противници не очекувале напад.

          И покрај тоа што биле малубројни,  Арапите успеале да ја задржат иницијативата и постојано да напаѓаат, искористувајќи ја нивната можност за брзо собирање и концентрирање на своите сили. Подвижноста што ја добиле со камилите им овозможила да изберат кога да се борат, ако околностите се поволни, и кога да се повлечат назад во пустината кога нивните непријатели имале предност. А кога ќе се повечеле од едно место се појавувале од друго место, стотици милји подалеку и започнувале офанзива од тоа место. Подвижноста на камилите им овозможила во исто време да прават диверзии на непријателската територија, од сите правци преку нивните граници, постојано сеејќи хаос во земјата на нивните непријатели.

          Камилите во војување не ги користеле само Османлиите, туку и западните цивилизации. Наполеон користел корпус со камили во неговата француска кампања во Египет и Сирија.

          Американците планирале да користат камили во Граѓанската војна. 34 камили биле донесени во пролетта 1856 година за да бидат префрлени со вагони од Албукекер до Лос Анџелес, но лобито на маски и магариња во Мисури започнале со негативна кампања. „Камилите“, велеле тие на сите, „се со лош табиет, смрдени, тврдоглави и грди. Најлошо од сè што не би научиле англиски“.  На крај лоби групата за маски и магариња победила. Камилите биле ослободени во пустината во Аризона да таму да шетаат и живеат слободно. Последниот потомок на оригиналното стадо бил заробен во дивините на Аризона во 1946 година.

          Во доцниот XIX-ти и поголемиот дел од XX век, камилиските трупи биле користени за пустинско полициско работење и патролирање во британските, француските, германските, шпанските и италијанските колонијални војски.

          Во Големата војна, Турците не биле единствените со камили. Британската Бригада на Империскиок камилски корпус (ICCB) била пешадиска бригада поставена од камили што Британската империја ја формирала во декември 1916 година за време на Првата светска војна за служба на Блискиот исток. ICCB станала дел од египетските експедитивни сили и се борела во неколку битки во кампањите на Сенуси, Синај и Палестина и во Арапскиот бунт. Бригадата претрпела 246 жртви и била распуштена во мај 1919 година по завршувањето на војната.

          Работата на Лексиконот ме носи  на многу неочекувани патувања слично на ова – од откривањето на ново име на некој уметник до студијата во употреба на камили во воените дејства . Ваквите патувања се една од најубавите работи во овој проект. Никогаш не знаете каде ќе ве однесе следниот откриен сликар.

Информациите и фотографиите се превземени од:

https://truewestmagazine.com/camels-vs-mules-2/

Потеклото на мојата опсесија со камили – Сара и Ева на камила, 2011 година.

Сара и Ева на камила
Сара и Ева на камила