Author’s-Biography-nobackground

Биографија на авторот

Vlatko potpis s

Во текот на работните денови и во работното време, Влатко Милошевски е професионалец во областа на електрониката и компјутерските науки, со повеќе од 25 годишно работно искуство, со интегрирани системи во реално време, потрошувачка електроника, мобилна комуникација и напредно истражување. Се стекнува со  звањето инженер пo електротехника на Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, Македонија во 1994 година и звањето магистар по компјутерски и информациски науки и инжинеринг на Универзитетот на Флорида, во Геинсвил, САД во 1999 година. Работел во бројни компании и проекти: од мали „старт-ап“ фирми и академија, до мултинационални гиганти, како истражувач, инженер, архитект, технички маркетинг менаџер и менаџер за развој на бизнис. Денес, Влатко Милошевски работи како сениор менаџер за развој на бизнис во истражувачката организација ИМЕК, во нивната канцеларија на Хај Тек Кампусот во Ајндховен, Холандија.

По работното време, во вечерните часови и за време на викендите, Влатко Милошевски е пасиониран трагач и колекционер на ликовни уметнички дела. Го поминува своето слободно време во откривање на заборавени уметнички бисери, како во физичкиот свет (со посетување на локалните аукциски куќи, саеми за антики, викенд пазари, куриоза продавници, итн.), така и во сајбер светот (со следење на интернет страниците на светските аукциски куќи, онлајн уметничките галерии и музејските продажби итн.). Започнува со колекционерство на уметнички дела поврзани со македонскиот регион во 2004 година, со откривањето на мала колекција на македонски маслени минијатури од Никола Петковиќ, на една малку позната онлајн подрумска распродажба во САД. Возбудата и сознанието дека постои бесценето ликовно богатство распрснато низ светот, како и сосема нова област во македонската историја на уметност која чека да биде напишана, резултираше во 15-годишно градење и документирање на обемна колекција со повеќе од 200 оригинални уметнички дела, ретки печатени материјали, репродукции и уметнички книги, кои ја покриваат работата на странските сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година.

Преку ден или навечер, во работни денови или викенд, Влатко е сакан сопруг на Марија и татко на Сара и Ева, кои му го осветлуваат животот и му даваат целосна поддршка и неопходна енергија потребна за комплетирање на овој комплексен проект, за што тој е неизмерно благодарен.